Loading...

Често поставувани прашања



Зошто се штетни стакленичките гасови за животната средина?

CO2 е гас составен од јаглерод (C) и кислород (O). Неговото присуство во мали количини во нашата атмосфера ја одржува Земјата на околу 15°C, овозможувајќи живот преку таканаречениот „природен“ ефект на стаклена градина. Во природниот циклус на CO2, количините кои се ослободуваа во воздухот беа балансирани со оние што ги апсорбираа океаните, почвата и шумите, сè до моментот кога луѓето започнаа да извлекуваат јаглерод од подземјето во форма на јаглен, нафта и природен гас, да го согоруваат и да ослободуваат нови количини CO2 во воздухот. На тој начин, преку човечката активност, се придонесе за зголемување на температурата на атмосферата. 

Сите наши сегашни човечки активности придонесуваат за оваа „јаглеродизација“ и дел се од прекумерното загревање на атмосферата. Ова зголемување на температурата има катастрофални последици за животната средина, како што се топење на глечерите и ледените капи, покачување на нивото на морињата, промени во шемите на врнежите и зачестување на екстремните временски услови. Овие последици негативно влијаат и на биодиверзитетот и на човечкото здравје. 

Со намалување на емисиите на стакленички гасови, можеме да ги ублажиме овие негативни ефекти и да придонесеме за поодржлива иднина на нашата планета.

Кои компании се засегнати?

Декарбонизацијата е неопходност за сите компании кои сакаат да ја подобрат својата конкурентност и да се справат со еколошките предизвици. Иако сите економски активности имаат влијание врз емисиите на стакленички гасови (GHG), некои компании се повеќе засегнати од други, зависно од нивниот сектор и јаглеродниот отпечаток. На пример, компаниите за производство на енергија, тешката индустрија, транспортот и градежништвото се сектори кои емитуваат значителни количини GHG и затоа имаат клучна улога во декарбонизацијата.

Дополнително, барањата за одржливост и намален јаглероден отпечаток од страна на европските клиенти се од големо значење за извозните компании. Овие компании мора да се прилагодат на овие барања за да ја задржат својата конкурентност на европскиот пазар. Извозните компании директно се засегнати од Механизмот за прилагодување на јаглеродните граници (CBAM), чија цел е да се спречи еколошкиот дампинг и да се заштити европската индустрија преку воведување на данок за увоз на производи со висок јаглероден отпечаток.

Зошто CBAM ќе ја забрза декарбонизацијата на вредносните синџири за извоз во Европа?

Доброволната свесност веќе не е доволна, па затоа се очекува забрзување на декарбонизацијата преку влијанието на клиентите, кои ќе бараат нивните добавувачи да нудат производи или услуги со минимален јаглероден отпечаток. Некои земји веќе воведоа даноци на производи и услуги според емисиите на GHG што ги предизвикуваат, со што се фаворизира увозот од трети земји со пониски емисии.

За да се врати конкурентната рамнотежа, CBAM планира постепено да ги оданочува увозите од трети земји во согласност со емисиите на GHG што ги предизвикуваат. ЕУ ќе ја примени оваа клаузула „загадувачот плаќа“ за производи од трети земји, вклучувајќи ги и оние од Северна Македонија.

Како да преземете акција?

За да го намалите јаглеродниот отпечаток на вашата компанија, посветеноста е клучна. Компаниите треба да ја интегрираат декарбонизацијата во својата стратегија преку поставување цели за намалување на емисиите на стакленички гасови (GHG) и вклучување на сите засегнати страни во процесот на одлучување. Потоа, потребно е да се идентификуваат директните и индиректните емисии на GHG користејќи методологија што е усогласена со меѓународните норми и стандарди. Компаниите можат да користат достапни обуки и експертиза за да го спроведат овој процес.

Кои се придобивките за компаниите што декарбонизираат?

•    Намалување на трошоците за енергија
•    Подобрување на имиџот на брендот
•    Усогласеност со регулативите
•    Зголемување на конкурентноста

 

Какво е влијанието на декарбонизацијата врз синџирите на снабдување на компаниите?

Декарбонизацијата може значително да влијае на синџирите на снабдување. Компаниите можеби ќе треба да ги прегледаат своите избори на добавувачи и да дадат предност на оние со еколошки одговорни практики во производството и транспортот. Воведувањето на такви практики низ целиот синџир на снабдување може да ги намали емисиите на GHG поврзани со активностите на добавувачите и партнерите. Дополнително, декарбонизацијата може да создаде нови можности за добавувачи на еколошки производи и услуги.

Како компаниите можат да го измерaт и комуницираат својот напредок во однос на декарбонизацијата?

Компаниите можат да го мерат и комуницираат својот напредок преку следење на неколку клучни чекори:
•    Утврдување на почетна основа
•    Поставување цели
•    Развивање стратегија за декарбонизација
•    Мерење и следење на напредокот
•    Транспарентно споделување на резултатите

Кои се најчестите грешки што компаниите ги прават во напорите за декарбонизација и како да ги избегнат?

Најчестите грешки вклучуваат:
•    Недостиг на јасни цели за намалување
•    Непостоење конкретен акционен план
•    Недоволна комуникација и свест меѓу засегнатите страни
•    Потценување на трошоците поврзани со декарбонизацијата
•    Недоволно вклучување на вработените

За да се избегнат овие грешки, компаниите треба да постават јасни и реалистични цели, да ги вклучат сите засегнати страни во процесот на одлучување и имплементација, редовно да го споделуваат напредокот и да ги едуцираат вработените за важноста на декарбонизацијата.

 

Како компаниите можат да ги управуваат трошоците поврзани со декарбонизацијата?

Трошоците за декарбонизација можат да бидат значителни, особено за инвестиции во чисти технологии, модификација на производствените процеси и обука на вработените. За управување со овие трошоци, компаниите можат да побараат зелено финансирање со поволни услови или грантови за инвестиции. Дополнително, инвестициите во декарбонизација често доведуваат до намалување на потрошувачката на енергија или ресурси, што резултира со заштеди. Овие инвестиции обично се амортизираат за неколку години.