Преглед на состојбата во земјата
Северна Македонија има усвоено стратегија за премин кон сигурен, ефикасен и одржлив енергетски систем до 2040 година. Стратегијата вклучува амбициозни цели за штедење на енергија, намалување на зависноста од фосилни горива и поголема употреба на обновливи извори на енергија. Главните цели се:
- Да се постигне заштеда до 51,8% во примарна енергија и 27,5% во крајната потрошувачка на енергија.
- Да се намали употребата на јаглен и да се сведат на минимум загубите на енергија во дистрибутивната мрежа.
- Да се подобри енергетската ефикасност во транспортот и индустријата, кои се најголеми потрошувачи на енергија.
- Да се зголеми употребата на обновливи извори на енергија, особено сончевата и ветерната енергија за производство на електрична енергија.
- Да се воведат финансиски механизми за поддршка, како што се загарантирани откупни цени, премии и јавни повици (аукции) – со цел поттикнување на инвестиции во обновливи извори и намалување на зависноста од увоз на електрична енергија.
Влијание на регулативата за енергетска ефикасност врз малите и средните претпријатија (МСП)
Значаен дел од енергетската стратегија на Северна Македонија е насочен кон транспортниот и индустрискиот сектор, кои се меѓу најголемите потрошувачи на енергија. Иако моменталните закони не наложуваат директни обврски (како задолжителни енергетски проверки или сертификати) за повеќето мали и средни претпријатија, тие се сè почесто индиректно засегнати на неколку начини:
- За да добијат финансиска помош (на пример грантови или субвенции), МСП најчесто мора да докажат дека применуваат практики за енергетска ефикасност.
- Ако се дел од синџири на добавувачи на мултинационални или ЕУ компании, се очекува да ги исполнуваат нивните повисоки стандарди за одржливост и ефикасност.
- Цената на енергијата постојано расте, па енергетската ефикаснот станува финансиска неопходност.
- Учеството во јавни набавки или програми за зелена сертификација честопати бара исполнување на минимални национални енергетски услови.
Како резултат на тоа, МСП се под сè поголем притисок да ја следат својата потрошувачка на енергија, да инвестираат во подобрувања на ефикасноста и да користат обновливи технологии, иако не се формално обрзани со закон.
Сегашна регулаторна рамка
Задолжителни енергетски проверки (Член 15 од Закон за енергетска ефикасност бр. 08-1160/1)
Според Законот за енергетска ефикасност, ажуриран со Законот за измени и дополнувања (бр. 08-4539/1, ноември 2022 година), компаниите се должни на секои четири години да спроведуваат енергетски проверки ако во последните две фискални години:
- Имаат најмалку 250 вработени, и
- Оствариле годишен приход над 10 милиони евра или вкупна актива над 11 милиони евра.
Овие проверки мора да ги извршат сертифицирани тела одобрени од Министерството за економија и Агенцијата за енергетика.
Енергетска ефикасност во градежништвото
Во согласност со Законот за енергетска ефикасност бр. 08-1160/1, објавен во службен весник во февруари 2020 година, и Законот за измени и дополнувања од ноември 2022 година, сите новоизградени или значително реновирани објекти мора да добијат сертификат за енергетска ефикасност пред да добијат употребна дозвола.
За јавни објекти над 250 м², ова важи без оглед на датумот на градба, со цел подобрување на енергетската ефикасност на јавната инфраструктура.
Производство на обновлива енергија – законски одредби
Законот за енергетика (мај 2018), заедно со измените од мај 2019 и ноември 2022 година, ја уредува регулативата за производство на електрична енергија од обновливи извори:
- Компаниите мора да добијат лиценца за производство од Регулаторната комисија за енергетски и водни услуги.
- Произведувачи-потрошувачи (prosumers) имаат право:
- До 6 kW инсталиран капацитет за физички лица.
- До 40 kW за правни лица (компании).
- Тие не се должни да имаат лиценца, можат да ја користат произведената енергија за сопствена потрошувачка, а вишокот да го испорачуваат во мрежата.
Очекувани идни регулаторни промени
Во тек се подготовки за нови закони – Законот за енергетика и Законот за климатски промени. Очекувани новини во согласност со ЕУ директиви:
- Намалување на праговите за задолжителни енергетски проверки, така што и средните претпријатија ќе бидат опфатени.
- Воведување обврска за пријавување на потрошувачката и заштедата на енергија.
- Проширување на минималните стандарди за енергетска ефикасност на повеќе типови објекти и дејности.
- Воведување обврзни етикети, сертификати и дигитално следење на потрошувачката.
- Поголема финансиска поддршка поврзана со докажани заштеди на енергија – преку зелени кредити, даночни олеснувања и субвенции поврзани со перформанси.
Овие промени ќе значат дека и МСП ќе треба да ги следат енергетските прописи, но истовремено ќе добијат нови можности за намалување на трошоците, зголемување на конкурентноста и пристап до нови пазари.
Нов Закон за енергетика во Северна Македонија: Напредок кон усогласување со ЕУ и одржлива енергетска иднина
Северна Македонија усвои нов Закон за енергетика со цел усогласување на правната рамка со стандардите на Европската Унија. Оваа реформа е дел од поширокиот процес на интеграција во ЕУ и ја поддржува реформската агенда на Западен Балкан. Законот воспоставува сеопфатна основа за модерен, сигурен и одржлив енергетски систем, кој се темели на три стратешки столба:
- Значително зголемување на уделот на обновливи извори на енергија во крајната потрошувачка на енергија;
- Подобрување на енергетската ефикасност и намалување на загубите во системот;
- Развој на отворен и конкурентен енергетски пазар, со активно учество на граѓаните како производители, продавачи и членови на енергетски заедници.
Клучни одредби и цели: Новиот Закон за енергетика воведува либерализиран, транспарентен и конкурентен пазар на електрична енергија, кој обезбедува поправедни цени и поширок избор за потрошувачите. Законот наложува имплементација на системи за паметно мерење, кои им овозможуваат на потрошувачите секојдневно да го следат користењето на електрична енергија и овозможуваат попрецизно мерење и фактурирање. За поддршка на енергетската транзиција, законот вклучува иновативни концепти како што се енергетски заедници на граѓани и модели за управување од страната на побарувачката. Тој има за цел да ја подобри ликвидноста на пазарот и да го прошири пристапот до енергетски ресурси низ економијата, додека обезбедува еднакви можности за инвестиции за домашните и странските инвеститори.
Инфраструктура, инвестиции и пазарни реформи: Законодавството ја адресира отпорноста на инфраструктурата преку поттикнување на инвестиции во системи за складирање (вклучително задолжителна инсталација на батериски складишта за нови постројки за обновлива енергија) и дигитализација на енергетските ресурси. Исто така, ги зајакнува регулаторните и оперативните капацитети, поставува услови за интеграција на регионалниот и европскиот енергетски пазар и овозможува нови инвестиции во обновливи извори на енергија (соларна, ветерна итн.), централно греење, гасификација и дигитализирана мрежна инфраструктура.
Неколку нови финансиски и административни обврски се воспоставени:
- Инвеститорите кои аплицираат за лиценци за трговија со енергија и снабдување со електрична енергија мора да докажат пристап до најмалку 100.000 евра достапни средства или фиксни средства.
- Операторите на електричниот систем се обврзани да ја известуваат Регулаторната комисија за енергетика за секоја продажба на вишок електрична енергија.
- Лиценцираните енергетски субјекти мора да пријавуваат приходи од секоја лиценцирана активност одделно во годишните финансиски извештаи, согласно одредените шифри на активности.
За редовни информации, МСП можат да ја следат веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.